Home Вести Македонија СДСМ го поддржува барањето на ВМРО и дополнува: Ќе бараме и некој...

СДСМ го поддржува барањето на ВМРО и дополнува: Ќе бараме и некој што крадел во друга држава да неможе да биде пратеник

Пратеникот од опозицијата, Антонио Милошоски, вчера најави дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандман во Собраниево во кој ќе стои дека кандидат за пратеник може да биде лице кое има само македонско државјанство и нема никакво друго двојно државјанство.

Милошоски ова го најави откако вчера неговото име се најде на списокот што го објави бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов.

Тој тврдеше дека имињата што се совпаѓаат со дел од членовите на опозициската партија се лица што имале бугарско државјанство и имале можност да гласаат на изборите во Бугарија закажани за април.

„Ниеден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ нема бугарски пасош, и ние во текот на овие ден-два до Собранието како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесеме еден амандман којшто ќе се однесува на Законот за пратеници, Законот за избори и каде што ќе пишува дека кандидат за пратеник во Собранието на Република Македонија може да биде лице коешто има само државјанство на Република Македонија и нема ниедно друго двојно државјанство“, рече Милошоски за радио Лидер.

Денес преку соопштение, од СДСМ велат дека поддржуваат пратеници да бидат лица кои имаат единствено македонско државјанство, но тоа да важи и за пратениците од актуелниот пратенички состав.

Исто така, предлагаме пратеници да не може да бидат лица кои се осудувани за кражби во други држави, истакнаа меѓудругото во своето соопштение од СДСМ.